Хрватскиот тенисер Борна Чориќ доцна синоќа го постигна својот најголем успех во кариерата победувајќи го седмиот тенисер во светот, Гркот Стефанос Циципас, со 7-6 (0), 6-2 во финалето на АТП Мастерс 1000 турнирот во Синсинати.
Чориќ со овој подвиг стана најслабо рангираниот играч на АТП листата (152.) кој успеал да освои еден турнир од серијата 1000. За втората победа во третиот меч против Циципас, на хрватскиот тенисер му беа потребни еден час и 57 минути.
Откако ги елиминира Рафаел Надал, Роберто Баутиста Агут, Феликс Ожер – Алиасим и Камерон Нори, Чориќ ја заврши неделата од соништата со третата победа над играч од Топ 10 и стана четвртиот хрватски тенисер со титула на турнир од серијата Мастерс 1000. Пред него овие титули ги освоија Горан Иванишевиќ (Стокхолм 1992, Париз 1993), Иван Љубичиќ (Индијан Велс 2010) и Марин Чилиќ (Синсинати 2016).