MЗТ Скопје ги почна подготовките без репрезентативците

148

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром вечерва го одработи првиот тренинг во пресрет на новата сезона на кој присуствуваа четворица од петте странци, заедно со дел од домашните првотимци и со плејада талентирани играчи чии време доаѓа, а без четворицата репрезентативци на Македонија.

Тренерот Александар Петровиќ за првпат можеше да ги види квалитетите на Американците Еван Максвел и Мајк Кафи, на Србинот Страхиња Миќовиќ, а на паркетот беше и турскиот интернационалец Самет Јигитоглу, кој минатата сезона играше за вториот тим на македонскиот шампион. Тука беа и капитенот Дамјан Стојановски, заедно со Адем Мекиќ, Андреј Андоноски и Дарио Митевски, кои поради повреди тренингот го следеа од страна.

Се чека на доаѓањето на Бре Ајви од САД, како и приклучувањето на Андреј Магдевски, Дамјан Робев, Бојан Крстевски и на Војдан Стојановски по настапите за репрезентацијата на Македонија.

„Пред нас е сезона која носи голем предизвик, а тоа е враќање во друштвото на најдобрите во регионот. Полека се комплетираме, имаме доволно време да се воиграме и мислам дека ќе се претставиме во вистинско светло кога ќе почне сезоната во АБА. На располагање имам одличен спој на најдоброто од македонската кошарка со одлични странски засилувања, што верувам дека ќе ни донесе убави моменти во претстојното регионално првенство“, изјави Петровиќ.

МЗТ Скопје Аеродром со пријателски средби ќе почне следниот месец, а досега се закажани пресметки со бугарските тимови Рилски спортист и Левски (двете во Самоков), со ПАОК во Солун, против Здравје Лесковац во Скопје, а ќе настапи и на турнирот „Земун куп“ во Белград.

ПретходноЊукасл спреми 25 милиони фунти за играч на Ватфорд
СледноМаестрален дебитантски гол на Алиоски за Фенербахче (видео)