Тимот на Манчестер Јунајтед вечерва има тежок натпревар на домашен терен против најголемиот свој ривал, тимот на Ливерпул. Јунајтед има очаен старт на сезоната, има нула бодови по две кола и се освен победа вечерва ќе биде рамно на катастрофа.
Менаџерот Ерик Тен Хаг, на прес конференцијата пред мечот изјави дека е свесен за она што се случува во моментов и дека до некаде и има објаснување зошто е тоа така.
„Имавме добра претсезона, но тогаш нашиот прв напаѓач , Ентони Марсијал се повреди, а Кристијано Роналдо не беше подготвен. Ни недостигаше и дефанзивниот играч за врска што ни требаше. Во првиот натпревар двајца централни бекови кои не играа заедно, започнаа како стартери, а исто така и нашиот голман не одигра добар натпревар. Имаме проблеми и пропусти, но ќе ги поправиме. Нашите резултати ќе се подобрат. Покажавме дека можеме на тренинзите“, изјави Тен Хаг.
По понижувачкиот пораз од Брендфорд со 0:4, тренерот ги натера играчите да тренираат и на денот кога требаше да бидат слободни и тоа со трчање од околу 14 километри.
„Одлуката ја донесов веќе на натпреварот кога го видов настапот на играчите. Ова не е стандард на Манчестер Јунајтед , ниту тоа е мој стандард. Морам да ги сменам работите. Сите треба да разберат што се бара да го носат овој дрес и да го прифатат. Се надевам дека играчите се лути, но лути на себе и на своите соиграчи што не го прават тоа што е потребно.Кога ќе сфатат дека не даваат доволно за тимот, сменете го ставот, работите ќе тргнат.Секој менаџер има барања и тоа е нормално. Должност на играчите е да ги почитуваат, да се борат и да дадат 100 проценти за тимот“, додаде холандскиот стратег.