Вардар како животен стил

1295

Пишува: Огнен Чак Дојчиновски

Поминаа триесет години откако стартуваше првиот фудбалски шампионат во самостојна Македонија. Пред точно 30 години, на денешен ден 23 август во 1992 ФК Вардар , тогаш неприкосновениот владетел на нашата фудбалска сцена го одигра својот прв натпревар, во првата сезона на новоформираната македонска фудбалска лига, против Победа во Прилеп. Мечот заврши 1:1, а тоа беше почеток на една нова епоха не само од историјата на Вардар туку од целокупното наше фудбалско битисување.

Поминаа три децении од тогаш, во кој ФК Вардар преживеа и доживеа ама буквално се. Од титули освоени без пораз, преку куп титули загубени на пенали, преку проблеми од типот на ривал кој за претседател го има истиот оној кој е претседател и на федерацијата, од напуштање на лигата, преку фузии, до повторно раѓање, сопственик милионер, групна фаза во Европа, па се до втора лига и банкрот. Сето тоа, ФК Вардар го преживеа, надживеа во овие три децении и дочека овој јубилеј, а воедно и своето 75.годишно постоење да го слави како второлигаш.

Заслужи ли Вардар тоа да го дочека? Секако дека не. Заслужи ли да слави јубилеји по триумф над Арсими во Чегране, со должна почит на сите ривали со кој Вардар сега се натпреварува!? Секако дека не…. Сепак, реалноста е таа и Вардар во моментов е далеку од она што некогаш беше, а да се надеваме дека оваа негова голгота и кошмар наскоро ќе завршат и Вардар повторно ќе биде оној стариот. Лидер, водач на домашниот фудбал, во кој како пред триесет години ќе гостува во Прилеп, и во најфудбалскиот град во Македонија ќе се соберат 10.000 гледачи за да го гледаат. И да ја бодрат својата Победа. И да навиваат против Вардар. Зошто тоа Вардар го заслужил. Некаде да го сакаат и некаде да го мразат. Не не треба да е тука каде што е, да се зборува за него како за второлигаш на кој му се случуваат штрајкови, неисплатени примања, прашалници околу тоа каде ќе ги игра домашните мечеви и слично. Тоа Вардар не го заслужи.

Оваа фотограција е среќна фотографија за Вардар. Означува некои други, среќни времиња кои се одамна минати. А сепак, фотографиите се едно, а моменталната состојба нешто сосема друго. Не се живее од спомени, па така и на Вардар џабе му се јубилејите и фотографиите кога во моментов е сенка на она што мора да биде. Оваа фотографија потсеќа но и потсетува, опоменува. Дека дел од оние кои што се на неа се директни учесници на она што на Вардар во моментов му се случува. Дел од нив означија старт на еден нов Вардар пред 30. Години но со својата (не)способност удрија печат на неговиот конечен и дефинитивен колапс. Беа неми сведоци на банкротот, испаѓањето и  политичките игри околу кој загуби единствено клубот. И навивачите секако. Единствените кои никогаш не го напуштија и нема да го напуштат ФК Вардар (за разлика од другите).

Слоганот вели „Еден живот една љубов“ ама како за кого. Некои тоа си го сфатија како нивен животен стил, како заштитен знак, па така дрско и безобразно самите одлучија дека Вардар е нивна мајка и дека како „вечен студент“ и по стари години треба да се грижи за нив. Дека треба да им дава „џепарлак“ за кафе, а тие да кажуваат прикаски на маса по цел ден и ништо да не работат. Беа во Вардар пред триесет години и сеуште се тука, или беа до пред извесно време, додека во Вардар имаше „пари за џепарлак“….

„Комити“ , етаблирани или во сенка, заборавени или оние од првиот ред, нека ви е среќен овој јубилеј на вашиот сакан Вардар и да си дочекате повторно вашиот омилен клуб да ве радува и да ви ги полни срцата. Не дозволувајте Вардар да добие уште некој удар, да го „касне Кобра“ или да го удри „Гром“ од недро небо уште некој пат, зошто се плашам дека Вардар нема да може да преживее уште еден удар. Чувајте го чедото на Скопје и на Скопјани зошто сега сте му потребни како никогаш досега.

ПретходноЛазаров: Гледам дека ги мотивираме противниците, се надевам дека ќе ги мотивираме да работат уште поквалитетно!
СледноЗаврши наградната игра „играј, собирај и освој“ на 2WIN.mk