Пенал-рулетот во СЦ „Јане Сандански“ го остави Вардар без ново учество на фајнл-фор завршницата во СЕХА-лига. Македонскиот тим вечерва по изведување на удари од седум метри беше совладан од Нексе со 30-32.
Ракометарите на Вардар имаа шанса да го решат дуелот и во регуларниот дел, но не ги искористија 17-те секунди за напад, а потоа Талески и Џукиќ не реализираа од седум метри.
Владо Недановски, тренерот на Вардар по мечот потенцира дека проблем е ротацијата особено во одбраната, но од друга страна тој е среќен бидејќи неговите момци покажале карактер.
„Честитики за Нексе за пласманот на Ф4 во Задар. Нексе е добар тим, претходната година не успеавме да ги победиме. Причината за поразите во последните две минути е ротација, имаме проблем особено во одбраната. Тажен сум, не одиме на фајнл-фор, имавме преголема желба да одиме на Ф4, загубивме на пенали, тоа е лотарија.
Од другат страна, среќен сум бидејќи покажавме карактер, се вративме од негатива од четири гола. Драго ми е за младите момци како Мишевски, кои немаа голема самодоверба, видоа дека можат многу повеќе. Четитки за моите играчи го оставија срцето на терен“, изјави Недановски.