Kонечно и Манчестер Јунајтед се израдува на првата победа во новата сезона во Премиер лигата. По двата стартни порази, вчера на „Олд Трафорд“ четата на Ерик тен Хаг го совлада Ливерпул во големото англиско дерби со 2:1. Холандскиот стручњак ги фалеше своите фудбалери за настапот, задоволен е од победата и кажа по нешто за Мегваер и Роналдо кои не беа дел од стартниот тим.
„Ова е само почеток. Можеме да играме и подобро и поопасно. Покажавме дека можеме да бидеме тим. Можеме да зборуваме за техничките работи, но најважен е ставот. Видовте со каков став играа на терен. Играчите постојано комуницираа меѓу себе, се бореа за секоја метар од теренот. Значи личевме на екипа. Момците покажаа дека можат да играат е*ено добар фудбал“, вели Тен Хаг за „Скај спортс“ и се извини за пцоста.
„Мило ми е што Рашфорд и Санчо постигнаа голови. Фернандес беше лидер, а капитенската лента очигледно го инспирираше. Тој и Варан одиграа клучна улога во овој меч. Задоволен сум, а сакам да играме вака на секој меч. Секој натпревар во Премиер лигата е тежок и постојано мора да бидеш спремен да ги демонстрираш своите квалитети“, изјави Тен Хаг.
Роналдо и Мегваер почнаа од клупата. Португалецот влезе во финишот, а Англичанецот остана резерва.
„Играчите ќе ги бирам од меч во меч.Нема потреба да им објаснувам на Мегваер и Роналдо зошто не играа. Ќе имаме 50-60 натпревари, ќе играат. Имаме супер тим“, заврши Холанѓанецот.
Because we can play fucking good football!!! #ErikTenHag #tenhag pic.twitter.com/b7LtrqeOFb
— Sir Axel Ferguson (@SirAxelFerguson) August 22, 2022