Македонската кошаркарска репрезентација ги прави и последните подготовки за утрешниот прв меч од претквалификациите за Евробаскетот 2025 со селекцијата на Данска. Ненад Димитријевиќ ги заврши сите формалности околу преселбата од Валенсија во Казан и со мало задоцнување, му се стави на располагање на новиот стручен штаб на нашата најдобра селекција, предводен од Александар Јончевски.
Зад него се некоку тренинзи во Скопје, но ако се земе в предвид за каков професионалец станува збор, извесно е дека во деновите кои следат организаторот на играта на „црвено-жолтите“ ќе ги надополни тие денови на отсуство во подготвителниот период.
Новиот играч на рускиот Уникс смета дека секој почеток на една квалификациска трка е особено важен:
„Важен е почетокот и многу ни е важно да почнеме добро. Знаеме дека Данска е сериозен противник, одиме на гости, но мислам дека ќе бидеме подготвени за предизвикот“- вели Димитријевиќ пред дуелот со Данска закажан за утревечер од 19 часот, во Нествед.
Вели дека фокусот треба да биде насочен само кон овој натпревар, а потоа ќе се размислува за другите, како на пример за дуелот со Словачка во Скопје закажан за 28 август во СРЦ „Кале“.
„Имаме една добра група, тренираме заедно и верувам дека ќе се подготвиме добро за предизвиците. Добро сме подготвени за првиот натпревар, и мора да продолжиме по истиот пат. Тоа е, напорно да работиме и треба да имаме целосен фокус на Данска, а дури потоа на сите останати“.