Иако возбудувањата во најсилните европски лиги веќе почнаа, вечерва нè очекува уште еден хит-пријателски натпревар. Од 21:30 часот на „Камп Ноу“, Барселона ќе го пречека Манчестер Сити.
Ова ќе биде уникатен натпревар, а двата тима ќе играат заедно за една добра цел. Приходите од натпреварите ќе бидат наменети за лекување на Хуан Карлос Унзуе, поранешен помошник на Луис Енрике, кој боледува од АЛС, неизлечива болест на нервниот систем.
Иако ова е само пријателски натпревар, може да се претпостави дека двете екипи ќе играат сериозно. Дополнителен шмек ќе биде и пресметката меѓу Роберт Левандовски и Ерлинг Халанд. Тие двајца неколку години се натпреваруваа за титулата најдобар стрелец во Бундеслигата. Полјакот сепак го напушти Баерн Минхен и дојде летово во Барселона, а Норвежанецот ја откачи Борусија Дортмунд за да се пресели кај англискиот шампион.
Втор интересен момент е враќањето на Гвардиола. Шпанецот уште од мали нозе ги бранеше боите на Каталонците, а четири сезони беше и нејзин тренер. Периодот на работа на популарниот Пеп се смета за еден од најдобрите во 120-годишната историја на клубот.