Димитријевиќ со звукот на сирената и донесе победа на Македонија!

642

Македонската кошаркарска репрезентација со победа ги отвори претквалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Нашите момци на гостувањето кај Данска славеа со 70-73 во дебито на Александар Јончевски. Ненад Димитријевиќ беше херојот, од неверојатна позиција погоди тројка и го постави конечниот резултат. Токму тој со 29 поени ја предводеше нашата репрезентација, зад него беа Војдан и Стојан Ѓуроски со по 10 поени.

Освен првата четвртина, Македонија во преостанатиот дел беше подобар противник и заслужено се радуваше на победа после година дена. Последен пат ја победивме Швајцарија на гости на 14 август 2021 година.

Во првата четвртина домаќинот беше подобар, нашиот тим не поведе ниту еднаш. Данска отвори со 5-0, на другата страна со поените на Димитријевиќ и Јакимовски, Македонија изедначи на 9-9, но противникот нешто подоцна одново дојде на плус пет 16-11. По првата четвртина беше 18-14.

Откако ги консолидираа редовите, во следниот период кошаркарите направија серија од 1-11 и дојдоа на плус шест (19-25) во 14 минута. Токму при оваа позитива Данска дојде на 24-25. Сепак Нено, Војдан и Ѓуроски зголемија на 24-31. На одморот водството беше 29-34, 15 поени од вкупните за Македонија беа дело на Димитријевиќ.

Изедначена битка видовме во третата четвртина со тоа што Македонија ја одржуваше предноста, на средината на овој период беше 41-46, откако претходно противникот се доближи на минус два. Во овој дел Александар Јончевски беше принуден да повика тајм-аут.

Македонија брзо дојде на плус седум 45-52, но исто брзо и дозволи на Данска да израмни на 55-55 пред стартот на последната четвртина.

Мечот влезе во непосакуван правец, кош за кош, Јукиќ поентираше за водство на својата селекција од 59-57 после долго време. Резултатот постојано се менуваше, домашниот тим на средината на последната четвртина поведе со 66-62. Македонија долго време беше без постигнат кош, Јончевски повика тајм-аут, а Нено го прекина молкот.

Следеа драматични минути. Крстевски израмни на 68-68, а потоа Нено на 70-70 на 24 секунди до крајот. Следеше тајм-аут за домаќинот и напад, на голема среќа истиот не беше реализиран, Нено со тројка од неверојатна далечина и донесе победа на Македонија.

ПретходноПОЛУВРЕМЕ: Абдула „поцрвене“ уште на стартот, Шкупи се уште е резултатски во игра
СледноДами и господа ремек делото на Нено: Димитријевиќ од паркинг за голема радост во Данска (ВИДЕО)