Откако Вардар 1961 не успеа да го завери своето место на фајнл-фор завршницата во СЕХА-лига, единствена надеж дека во Задар ќе имаме македонски претставник е Пелистер. Вечерва (20:15 часот) во Битола, вицепрвакот го пречекува Мешков Брест во рамките на 1/4 финалето во регионалното натпреварување.
Пелистер оваа сезона ќе настапи во поинаков состав, а првиот главен тест за силите на овој тим ќе биде токму денешната битка против Мешков Брест. Победа ќе значи историја за Битола, бидејќи нивниот Пелистер никогаш не бил дел од завршницата во СЕХА-лига.
„Подготвени сме за официјалните натпревари. Работевме многу овој месец, одигравме контролни натпревари, а целта ни беше натпреварот против Мешков Брест. Овој тим е искусен тим, со многу вакви натпревари и ние ги почитуваме. Подготвени сме за овој предизвик и се надевам дека ќе победиме и ќе играме Фајнал 4“, изјави тренерот на Пелистер, Ларс Валтер.