Шкупи се сопна и на Косово и остана без милиони и историја! (ВИДЕО)

1317

Не успеа тимот на Шкупи да се исправи пред финалниот предизвик во Европа ова лето и застана на последната станица пред големиот успех. Елиминиран е од тимот на Балкани од Косово, во плеј офот од Лигата на Конференции во кој противникот обезбеди историска групна фаза. Загуби вечерва Шкупи среде Приштина со 1:0, со гол постигнат на Меритон Кореница, оној истиот кој во Скопје на Балкани им го донесе тоа се покажа судбоносно водство од 1:2. На хартија можеби Балкани изгледаше лесен и минлив противник но во пракса тоа се покажа невозможно. Шкупи скапо ги плати своите грешки, на кој самиот се наведе и вината за овој неуспех треба да ја бара исклучиво во своите редови. Остана нашиот шампион летово без милионската премија од УЕФА и испишување на најсјајна страница од својата историја. Балкани со вкупни 3:1 го прави токму тоа.

Абдула „поцрвене“ уште во втората минута

Катастрофална грешка на Абдула кој лошо реагира на една топка која ја минува последната одбранбена линија го исфрла Рахмани. Овој излегува сам пред Наумовски, а Абдула го повлекува за дрес и нормално како последен играч автоматски добива црвен картон и исклучување.

Следуваше ерупција од воодушевување на стадионот Фадиљ Вокри, каде што навивачите на Балкани веќе почнаа да слават групна фаза. Следуваше слободен удар крај голот на Наумовски. А потоа и сериозна неколуминутна иницијатива во која Куч имаше идеална шанса но шутираше покрај голот.

Наумовски спаси зицер

Во 40. минута, домаќинот ја имаше најсериозната шанса до тој момент. Красниќи доби идеална топка по левата крилна позиција, влезе во шеснаесетникот шутираше, но Наумовски идеално излезе, скрати агол и прекрасно интервенираше по ударот на напаѓачот на Балкани. Чуварот на мрежата на Шкупи дефинитивно е најзаслужниот што Шкупи сеуште има шанса за подвиг во Приштина и што сеуште има 0:0 во тој момент.

Второто полувреме во идентичен ритам како и првото. Балкани навидум има некаква иницијатива, но немаше некоја посериозна шанса барем на стартот. Тачи имаше еден обид но беше изблокиран на време, а по корнерот со глава се обиде Делова.

На спротивната страна имаше една спорна ситуација во која Цефас мина по таа негова лева страна, имаше старт на дефанзивецот на Балкани, но наместо пенал, како што сите помислија по гестикулацијата на судијата и неговиот знак, тој всушност покажал гол аут.

Балкани поведува и запечатува пласман во Конференциска Лига

Ако и до таа 70. минута тимот на Шкупи се понадева на некакво чудо во кое ќе постигне гол  ќе издржи до продолженија, а можеби и до пенали, во тој момент се срушија сите сништа на Чаирчани за групна фаза во Конференциската лига сезонава.

Една лоша проценка, реакција на целокупната одбрана на Шкупи донесе ситуација во која Емрулаху успеа да се избори за добра позиција во шеснаесетникот, и со добра реакција ги измани и Брдаровски и Шеји, но и Кристијан Наумовски, па ја протна топката помеѓу сите тројца. На неа налета Меритон Кореница и заби во празната мрежа на Шкупи.

Следуваше канонада од десетина минути во кој Балкани промаши две сериозни шанси, и не му дозволи на Шкупи да дише. Арменд Тачи во главна улога шутира покрај голот во двата случаји во кој реално Чаирчани имаа многу среќа. До крајот можеше Шкупи да прими уште минимум еден гол затоа што домаќинот во налет создаде уште неколку сериозни шанси кои не ги искористи.

 


Балкани – Шкупи 1:0 (0:0)

Стадион Фадиљ Вокри во Приштина, Гледачи: 12.000, Главен судија: Иштван Вад, Помошници: Венцел Точ, Иштван Алберт (сите од Унгарија), Стрелци: Кореница 70 (Б), Ж.картони: Тачи (Б) Маргвелашвили, Адетунџи (Ш), Ц.картон: Абдула (Ш)

Балкани: Фрашери, Тачи, Тачи (Потоку 65), Делова, Кореница, Рахмани, Грипши, Красниќи, Куч, Јашаница Емрелхару

Шкупи: Наумовски, Шеји (Бајрами 75), Маргвелашвили, Абдула, Алварез, Адетунџи, Хамиди (Трапановски 67), Цефас, Брдаровски, Данфа (Горгиев 83), Куевен (Адем 75)

ПретходноЈончевски „шприцер ладен“: Победата ја забораваме во истата секунда!
СледноДеветнаесетти нов играч во Нотингем Форест