Македонската кошаркарска репрезентација почнува нов тежок циклус за враќање на едно големо натпреварување. „Црвено-жолтите“ после 2015 година никако не успеваат да направат голем чекор, постојано се борат со големите предизвици барајќи ја вистинската формула која ќе ја извадат кошаркарска Македонија од „сивилото“.
Денеска (19 часот) во Нествед, избраниците на Александар Јончевски против Данска го играат првиот претквалификациски натпревар за место на Европското првенство 2025 година.
За разлика од претходниот цикслус, овој пат можеме да кажеме дека Македонија има покомплетен состав, на теренот се очекува да поведе Ненад Димитријевиќ, заедно со Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Андреј Магдевски и Бојан Крстевски, како едни од најискусните во нашите редови, и со помош на помладите сили (како Јакимовски, кој одигра одлично на последните две средби) се очекува да стават крај на црната низа. Македонија нема победа една година, па Данска треба да биде противник по мерка за триумфален почеток на овие претквалификации.
Иако оваа земја не е кошаркарска, сепак лошото издание во минатото ја стави нашата земја како аут-сајдер. Според обложувалниците шансата да победи Данска е многу поголема, па нашите момци треба да ја вратат довербата пред се кај фановите и самодовербата во редовите на националниот тим. Од Нествед посакуваат да испратат порака дека против Словачка на вториот претквалификациски меч (28 овој месец) заслужуваат максимална поддршка од трибините.