Македонската кошаркарска репрезентација после една година се радуваше победа, а за тоа најзаслужен беше Ненад Димитријевиќ, со неговата тројка со звукот на сирената, „црвено-жолтите“ среде Данска славеа со 70-73.
Александар Јончевски, кој запиша триумф во неговото деби, гази цврсто на земја. Задоволен е од играта, но повеќе анализира што сработеле, отколку честитки до неговите момци. Чудно, но вистинито, од изјавата која стои на официјалниот сајт на федерацијата никаде не стојат честитки за играчите. Сепак тоа е негова тактика, не сака овој триумф да се одрази негативно пред мечот со Словачка во Скопје.
„Работевме три недели за ова, од првиот ден од подготовките се спремавме само за овој меч за Данска. Од оние индивидуални карактеристики па се до најситните детали за противникот.
Така и функциониравме на овој натпревар. Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Љунберг да има само два поени реализирани во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде ‘гладен за кошеви’. Колку можевме, на крајот кажува статистиката.
Морам да напоменам и то дека многу голем дел од договарањето за тимска одбрана го спроведувавме одлично и во двата дела од играта. Да удвојуваме на низок пост, удвојување, сите барани детали ги реализиравме.
Нормално имавме и грешки, но верувам дека во деновите кои следуваат ќе ги поправиме. Со моите соработници ќе ги анализираме за што поспремни да го дочекаме неделниот натпревар со Словачка.
Победата ја забораваме, што би се рекло, во секунда. Тоа веќе им го реков на играчите во соблекувалната, затоа што се ќе биде залудно, сиот овој труд вложен овде, ако не ја победиме Словачка во Скопје, славењето, макар и скромно, ќе биде во Нествед, и ќе биде доволно. Нè чека уште многу работа“– коментира Јончевски во победата над Данска.