Иако Реал се чини заврши со трансфер приказната за ова лето, се уште остануваат отворени три прашања: Марко Асенсио, Алваро Одриозола и Маријано Дијаз.
Тројцата фудбалери Реал бара начин да ги испрати на друга адреса, но засега нема конкретни активности. Посебна приказна е Дијаз, кој никогаш не одиграл важна улога во Реал, за разлика од претходно споменатото дуо.
Дијаз пристигна во Мадрид во текот на летото 2018 година од Лион за 21,5 милиони евра, а потпиша договор вреден 4,5 милиони евра годишно, кој истекува следното лето. Реал е подготвен да го пушти да си оди без обештетување веќе ова лето и покрај тоа што има уште цела година од договорот.
Сепак, проблемот е што Дијаз не ни размислува за заминување. Тој ги одби сите досегашни предлози и е решен да го комплетира договорот. Причината, веројатно, е што тој веќе не може да добие сличен договор во ниту еден клуб во кој ќе оди, па повеќе би сакал да седи една година на трибините и да зема голема плата во Реал, отколку да игра некаде за помалку и од половина од овие пари.