Неочекувано, да не кажеме и сензационално, ова лето Ведран Ќосевски, еден од најдобрите голмани во БиХ, некогашен капитен на Железничар, се врати во својата земја, во Македонија, каде што е и роден, и потпиша за Струга ТЛ. Велешанецот со своето семејство како многу мал заминал во БиХ и таму ги прави голманските чекори, а потоа брани во Железничар, Вележ.
„Тоа е животот. Моите живееле во БиХ, но се вратиле во Велес поради војната во таа земја, јас сум и роден тука во Македонија, а потоа откако завршила војната во БиХ повторно сме заминале во Сараево. Инаку моето семејство, моите предци потекнуваат од Велес. Затоа јас во Струга ТЛ не се водам како странец, туку како домашен фудбалер. Треба веднаш да кажам дека прекрасно сум примен во Струга ТЛ, како во клубот така и во градот меѓу фановите. Се чувствувам како дома, токму затоа мора да го дадам својот максимум да ја оправдам довербата“ вели Ќосевски.
А дека Струга ТЛ со него доби и тоа како големо засилување, доказ е фактот што на првите три меча прими само еден гол. Со него на голот тимот е прв со три победи во исто толку мечеви, а денеска следува дербито со Шкендија.
“Секако дека мечот Шкендија – Струга ТЛ е дерби на колото. Ние посакуваме продолжување на серијата, но секако дека ја респектираме Шкендија која важи за еден од фаворитите за титулата. Не е тајна дека играме добро, моментално сме лидери и се надевам на уште една одлична партија на Струга ТЛ. Дербито се игра на неутрален терен во Струмица, па со тоа веројатно нашите шанси се зголемуваат. Сигурен сум дека тоа ќе биде супер натпревар на задоволство на фановите“ изјави за “Спортмедиа“ Ведран Ќосевски.