Пишува: Зоран Ѓоршоски
Од коло во коло, од викенд во викенд, Бојан Миовски полека, но сигурно станува неизбежна тема меѓу фудбалските фанови во Македонија, а посебно во Шкотска, и тоа најмногу кај навивачите на Абердин, третиот најголем клуб, по Ренџерс и Селтик, во Шкотска. Тие вчера за време на мечот меѓу Абердин и Ливингстон, развеаја и македонско знаеме во чест на Супер Бојан.
Пет натпревари, одиграни пет кола и пет голови зад името на Македонецот во дресот на Абердин, и секако прв стрелец во Премиерлигата на Шкотска. Голем успех за Бојан…нема што.
Секако дека во фудбалот понекогаш талентот нема да излезе на површина и тоа од разни причини, некогаш тоа подоцна ќе се случи како во случајот на Миовски, а често и никогаш.
Па, добро, како тоа Миовски да го немаше никаде во нашата ПМФЛ, во Македонија, освен се разбира во тие 18 месеци во Ренова, а играше дечкото во Брегалница, Работнички и Македонија ЃП.
Еве како…
Бојан Миовски е роден на 24 јуни 1999 година во Штип. И како секој штипјанец своите први фудбалски чекори ги минува во Брегалница. Во сезоната 2016-2017 година има седум настапи за првиот тим и постигнато два гола.
Следуваше трансфер во Работнички. Таму во еден од нашите најголеми клубови престојуваше во два наврати, но одигра само два меча во ПМФЛ. Никогаш не доби адекватна шанса. Да потсетиме дека како голем талент беше позајмен на У-19 тимот на Карабах со кого играше и во младинската Лига на Шампионите.
Се врати во Работнички, но клубот од Градски парк повторно не успеа да го “види“ талентот на Бојан.
Па така во јули 2018 година се сели во Ѓорче, во тимот на Македонија ЃП. Но, и тука за тие шест месеци не добива шанса, беше во тимот на 5 меча и постигна само еден гол.
И кога виде дека само губи време во Ѓорче, Миовски реши да замине во Ренова. На почетокот и тука не му одеше блескаво. Тогашниот стратег на “гипсарите“, инаку екс – селектор, иако Бојан одигра неколку добри мечеви, сакаше да го тргне од тимот.
Среќа за Бојан што првите оперативци на Ренова, Фисник Нухуи и Лирим Саити, одлучија да му дадат нова шанса, но сега под водство на новиот тренер Бујар Ислами. И Бојан беше стартер на Ренова во нападот, и како играч до 21 година. Почна подемот на Миовски, покрај другото со неговите одлични игри и голови Ренова излезе во фудбалска Европа, а тој потоа како слободен играч направи трансфер во Унгарија, во тимот на МТК.
Две години го носеше дресот на МТК, 56 одиграни мечеви и 15 постигнати голови.
Кога Абердин достави понуда до МТК за Миовски, вредна 600.000 евра, многумина во мак – фудбалот истакнуваа дека Шкотите се луди, дека Бојан не вреди толку, каде ли го најдоа него.
Сепак Абердин виде нешто што нашите клубови не можеа да го видат и затоа сега тој клуб има вистинско богатство во своите редови. Ако продолжи со ова темпо да дава голови, Миовски уште во зимскиот преоден рок ќе биде трансферна цел најмалку на Селтик и Ренџерс.
Секако, Миовски во меѓувреме стана и член на нашата А-репрезентација, одигра 10 мечеви, а веќе го постигна и својот деби гол во дресот на Македонија.