Македонската кошаркарска репрезентација денеска (19 часот) во СЦ „Кале“ ја пречекува Словачка во рамките на вториот претквалификациски меч за пласман на ЕП 2022 година.
Нашите момци овој циклус го стартуваа со победа над Данска, важен меч за враќање на самодовербата и враќање на триумфалните патеки. Бојан Крстевски е еден од најстандардните играчи во нашата сениорска селекција, вели дека мора да се заборави победата над Данска.
„Заслужено победивме во Данска, беше еден тежок меч, на крај можеби заврши и среќно за нас со тој шут, но победивме сосема заслужено.
„Мора да го заборавиме тој меч, затоа што ако не го добиеме овој со Словачка, победата на натпревар нема ништо да ни значи. На терен мора сите да бидеме фокусирани и мотивирани, за да ја оствариме нашата цел“, изјави Бојан Крстевски.
Словачка е добро познат противник, Македонија играше во претквалификациите за место на СП, запиша победа на гости и пораз на домашен терен.
„Словаците ни се добро познати затоа што со нив игравме двапати лани, можам да кажам дека горе-доле се во ист состав. Сите работи остануваат на нас“.
Влезот за оваа средба е отворен, дуелот ќе биде директно пренесуван на Спортклуб.