Попладнево од 16 часот се играат четири натпревари од 4.коло во ПМФЛ. И сите четири ветуваат многу борба, па ако сакате и неизвесност.
Секако дека во преден план е супер дербито меѓу Шкендија и Струга Трим Лум кое се игра во Струмица на комплексот “Пандев“ и тоа од познати причини. Ќе може ли Шкендија да стави крај на победничката серија на стружани или пак четата на стратегот Срѓан Захериевски ќе ја прескокне и оваа пречка? Останува да се види.
Флорент Рамадани,младиот играч за врска на тетовци пред дербито истакнува:
„Секако дека пред нас е тежок натпревар. Струга ТЛ оваа сезона покажува дека има добар тим, имаат три од три. Сепак и ние сме во добра форма, успеавме како гостин да славиме над А.Пандев минатото коло.Иако мечот не се игра во Тетово, сепак ние сме фаворити. Верувам дека ќе дојдеме до трите бода“посочи Рамадани.
Да кажеме дека на овој натпревар Струга ТЛ ќе биде драстично ослабена со неиграњето на Сава Радиќ и Буњамин Шабани кои на последниот дуел со Работнички добија црвени картони.
Работнички пак денеска мора, ама баш мора по секоја цена да слави триумф над Тиквеш. Мечот се игра на ФФМ. Познато е дека тимот од Градски парк сезонава нема освоено ниту еден бод, се порази и тоа до Силекс, А.Пандев и Струга ТЛ. Време е Работнички да покаже зошто е Работнички.
Во Штип се игра исто така натпревар кој ветува голема неизвесност. Брегалница ја дочекува Македонија ЃП,односно Илчо ја дочекува “својата“ Македонија ЃП.
На Автокоманда скопска пресметка. Скопје против Шкупи, ова ќе биде прв меч за шампионот на домашна сцена по елиминацијата од Европа.
Вчера во Кратово домашниот Силекс и А. Пандев одиграа 1:1, додека Победа во ова коло е слободна.
ДВОЈКИ ЗА 4.КОЛО – ДЕНЕСКА (16 Ч)
СТРУМИЦА: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ
СКОПЈЕ: РАБОТНИЧКИ – ТИКВЕШ
СКОПЈЕ: СКОПЈЕ – ШКУПИ
ШТИП: БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП
ВЧЕРА:
СИЛЕКС – А.ПАНДЕВ 1:1
ПОБЕДА (СЛОБОДНА)