КОМЕНТАР НА 4.КОЛО: Извини Шкендијо, ама морално беше…

3315

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Можеби звучи претенциозно, можеби тренерот Захариевски се лути кога ќе му спомнеш битка за титула, но по она вчера што се случи на дербито во Струмица, па и по оние четири од четири на стартот на новата сезона, и дефинитивно треба да се каже дека Струга Трим Лум сега и официјално е фаворит за титулата, или барем еден од фаворитите.

Се разбира дека минаа само четири кола, дека некои работи ќе се свртат и тоа како, но факт е дека барем според она што досега го покажа тимот на Струга ТЛ, Захариевски и неговите момци ги заслужуваат сите честитки.

Триумф над Победа и Работнички дома, но победи и над Брегалница и Шкендија како гостин, и тоа со гол разлика 8:1. Можеби недостасуваат уште две освежувања или засилувања, за да овој тим на Захариевски и дефинитивно се стави раме до раме со Шкупи и Шкендија, барем според имињата.

Инаку потегот на колото го има секако Бесарт Ибраими, напаѓачот на Струга ТЛ кој вчера во таа 70.минута и стегна гол на “својата“ Шкендија и како голем спортсмен не се израдува јавно, туку како да сакаше да каже… Извини Шкендијо, ама морално беше…

Познато е дека Бесарт цели шест години беше “моторот“ на тетовци, во четири наврати како играч на Шкендија беше најдобар стрелец во ПМФЛ, си замина како еден од најдобрите играчи во историјата на клубот, и секако дека имаше тука емоции. Но професионалноста пред се.

Шкендија почна да поткашлува, сега математички е во -5 бода од Струга ТЛ и Шкупи. Да Шкупи има само 6 бода, но само од два меча. Сепак и Шкупи не е тоа што беше. Победува на мускули, тука нема никаква фудбалска убавина, падот во формата е очигледен, но лесно е кога имаш одлични индивидуалци и лесно е кога играш со Скопје, но колку може Шкупи најдобро се виде на евро – мечевите со Шамрок и Балкани кога беше декласиран, на четири средби забележа дури четири порази.

Нема што, тоа беше големо понижување за сите во Шкупи, за сите во фудбалски Чаир.

Работнички конечно се разбуди и тоа во вистнски момент. Можеме само да претпоставуваме што ќе беше ако тренерот Љупчо Марковски – Калц загубеше и во четвртиот меч, тогаш секако дека ќе имаше потреси во екипата, тука нема дилеми.

Сепак она што беше кажано од авторот на овој текст по мечот со Струга Трим Лум, дека прашање е на момент кога Работнички ќе дојде до првите бодови, тоа и се оствари.

Со Алими, Велкоски, потоа со неколку засилувања и освежувања, овој тим на Работнички секако дека не е за потценување. Да се надигра така Тиквеш во сите елементи на фудбалската игра секако дека не е мала работа.

Илчо за првпат како тренер на Брегалница ја победи “својата“ Македонија ЃП во еден интересен и убав меч за гледање. Беше доволен еден гол за три бода, е сега секој што губи има право да се лути, па така и раководството на “лавовите“ кое денеска излезе со реакција на судењето.

Силекс и А. Пандев одигра реми, освоија по бод. Можеби кратовци треба да жалат повеќе, но Велиновски исто така треба да жали за стативата.

Веќе во среда очекуваме нови возбудувања во ПМФЛ, на програмата се натпреварите од 5.коло.

ПретходноЛуд преоден рок на Нотингем: Си донесоа трет лев бек ова лето
СледноЈунајтед не застанува, си зема и голман