Да им се радуваме на сениорите, оти останатото е пред портата на кошаркарска апокалипса!

1238

✍️ Марија Ковачева

Македонија на план кошарка по летните авантури со право можеме да заклучиме дека ја чека апокалипса. Колку и да сакаме да се „тапшаме“ по рамо дека имаме сериозна генерација која ќе зачекори во сениорските води, треба да бидеме реални и да си признаеме, во овој момент повеќе одиме кон провалија, барем кога станува збор за младите надежи и во машка и во женска категорија.

Среќа, голема среќа, што најдобриот национален тим настапи во речиси комплетен состав пред стартот на претквалификациите за ЕП 2025 година, па после година дена успеа да запише не една, туку две победи во низа, нешто што одамна не се има случено.

На крајот на ова лето колку и да звучи глупаво гледано одстрана, треба да им се радуваме на победите против една Данска (која е далеку од кошаркарска земја), и сеакако против Словачка. Последниот меч даде искра надеж, дека националниот тим има капацитет за остварување на мисијата која ја бркаме од 2015 година, нашето последно учество на ЕП. Следната мисија е 2025 година, но доколку оваа Македонија добро се воигра, одигра тимски, а помалку идвидуално, можеме да се надеваме на убави кошаркари денови.

А за да стигнеме до истите треба да гледаме долгорочно. Засега ова добро ни оди само на зборови. Во Македонија на кошаркарски план и млади генерации сме едно големо разочарување. Млади ѕвезди имаме многу, ама само на хартија, делата говорат нешто друго.

Летово три генерации настапија на европската сцена, две во А дивизија, една во Б Дивизија. Вкупниот биланс на сите три е четири победи и 15 порази. Една од генерациите од „А“ Дивизија се пресели во „Б“ Дивизија, другата остана зошто Данска и Црна Гора (ова лето ветена земја за победа) успеа да ги победи, да беше кругот поинаков немаше да ни избега нов срам.

Најлошата одлика на еден македонски кошаркарски стручњаk е што сака да си ласка и да се залажува дека направил нешто големо, дека Македонија има светла иднина. Не, Македонија засега на план млади надежи – нема иднина, едвај на прсти можат да се избројат играчите кои би можеле да прераснат во носители во националниот тим.

Видовме тон слабости кај сите, видовме лошо менаџирање на репрезентациите како да се лична сопственост, видовме дека можеме да премижеме се, видовме дека клубовите засега не работат ништо. Главните расадници на таленти, главните „фабрики“ за идните ѕвезди во репрезентациите се силни на социјалните мрежи, исто како и за жал родители и пријатели, кои станаа најрелевантен фактор во кошарката.

За жал го заборавивме оној старомоден начин на функционирање, кој се чини во Македонија ќе остане како најдобар модел, а за тоа говорат последните младинци кои израснаа во успешни момчиња. Тоа е генерацијата на Војдан и Дамјан, Соколов, Самарџиски, Костоски…после нив не се најде ниту една слична генерација која успеа да биде константна, да го сочува талентот под водство на вистински клубови, кои повеќе мислат на приходите, отколку на кошарката.

И се додека се лажеме сами себе си, тонеме во сопственото его, тонеме во сивилото.

За да го задржиме она што вчера го видовме, пред се на полни трибини на еден кошаркарски меч, макар бил во сала со мал капацитет, ќе мора да се променат лошите навики, прво кај клубовите, а потоа на создавање на долгорочен репрезентативен план од страна на главните луѓе задолжени за доброто утре на овој спорт.

На крајот останува во една реченица да ја ставиме женската кошарка. Засега никој не успеа да го подобри нивото на овој спорт, се менуваат многу луѓе, ама дното е нашата реалност. Единствена позитива точка беше генерацијата до 20 години, можeби за некого двете победи се смешни, но за нашето поднебје тие се како пехар, пред се поради борбеноста и жарот кои ги видовме на терен, малку од малку ни ги згреаја срцето. Сето останато треба да добро да се анализира.

Одговорноста мора да има за секој национален тим!

МАШКИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ

ЕП У20 „Б“ ДИВИЗИЈА: Три победи и 4 порази – освоено осмото место

*Победи против Косово, Австрија и Грузија

ЕП У18 „А“ ДИВИЗИЈА: Една победа и шест порази – преселба во Б Дивизија.

*Една победа против Црна Гора

ЕП У16 „А“ ДИВИЗИЈА – Две победи и 5 порази – 12 место, опстанок во А Дивизија.

*Победи против Црна Гора и Данска

ЖЕНСКИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ

ЕП У20 „Б“ Дивизија – Две победи и пет порази – 8 место

*Победи против Косово и Романија

ЕП У18 „Б“ Дивизија – Седум порази – преселба во Ц Дивизија

*Ниту една победа

ЕП У16 „Б“ Дивизија –  Пет порази и една победа – 18 место

*Победа против Швајцарија

ПретходноВеспрем во страшна форма пред пресметката со македонскиот вицепрвак!
СледноВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА СПОНЗОР НА МЕМОРИЈАЛНИОТ ТУРНИР ВО МАЛ ФУДБАЛ “ОЛИВЕР СОКОЛОВ – СОКОЛ”