Фудбалерите на Рома и Интер ги совладаа Монца (3:0) и Кремонезе (3:1) во натпреварите од 4. коло на Серија А. Со оглед на резултатите, јасно е дека домаќините имаа тотална доминација и сосема заслужено прокнижија по нови 3 бода.
Пауло Дибала и официјално ги постигна своите први голови во дресот на „волчицата“. Во 17. минута Аргентинецот на многу префинет начин го отвори резултатот за водство на Рома од 1:0, а истиот фудбалер својот втор гол на „Олимпико“ го постигна веќе во 32. минута.
За конечните 3:0, се погрижи Ибанез, кој со глава ја затресе мрежата на Монца.
Рома со оваа победа се искачи на првото место на табелата во Серија А со 10 бодови по четири одиграни натпревари.
Интер во моментов им е прв придружник по победата против Кремонезе. Кореа во 12. минута отвори за водство на „нераѕурите“, а Николо Барела со гол во 36. минута зголеми на 2:0.
Во продолжението на мечот Лаутаро Мартинез со соло гол го обезбеди триумфот на својот тим, а во 90-та минута гостите постигнаа убав гол преку Окереке за конечни 3:1.