Италијанскиот фудбалски гигант Милан од денеска има нови сопственици. Со клубот отсега ќе управува инвестицискиот фонд RedBird Capital Partners, кој презеде акции во Милан за 1,2 милијарди евра.
„RedBird има намера да продолжи да инвестира во сите клучни сектори за да овозможи понатамошен спортски и комерцијален развој на Милан. Сакаме да се надоврземе на достигнувањата од минатата сезона, кои кулминираа со титулата во италијанското првенство. Исто така ќе работиме на зајакнување на женскиот тим, младинскиот сектор и Фондацијата Милано, која се занимава со добротворни проекти“, стои во соопштението од новите сопственици.
RedBird е веќе инвеститор во Fenway Sports Group, сопственик на Ливерпул и бејзбол тимот Бостон Ред Сокс. Фондот има и контролен пакет акции во францускиот фудбалски клуб Тулуз.