Лазаров: Македонија не треба да стравува за иднината! Се надевам дека ситуацијата со Мишевски и Томовски нема да се повтори!

442

Во овој момент се одржува Седница на Управниот одбор при РФМ. Покрај првиот човек, Живко Муакетов и генералниот секретар, Филип Милошевски, присутни се сите селектори на националните тимови во машка и женска конкуренција.

Анализа на изминатиот период, но и најава за она што следува направи селекторот на најдобриот национален тим, Кирил Лазаров. Предводникот на репрезентацијата најави дека Македонија не треба да се плаши за својата иднина, бидејќи се гради тимот кој во иднина ќе игра модерен ракомет.

„Успеавме да се пласираме на СП во Полска и Шведска после пресметки со две силни репрезентации, кои се во подем, направивме голем чекор напред, бидејќи по овие мечеви следи комплетна промена на составот, заминаа во пензија големи имиња како Стоилов, Миркуловски и Лазаров. Мора да посветиме понатаму со голема верба и работа, не треба да се плашиме дали ќе имаме иднина, затоа што градиме квалитетна и модерна репрезентација, ќе биде конкурентна со најголемите светски репрезентација.

Не чекаат квалификациите за ЕП 2024 година, да кажам дека имавме поголема среќа. Не треба да ја потцениме ниту Турција и Луксембург, Португалија е фаворит. Треба да се покажеме во препознатливо светло како во претходните седум месеци. Се надевам дека ќе имаме два успешни натпревари“, рече Лазаров.

Селекторот мисли долгорочно, со оглед на тоа дека 90% од репрезентативците играат во домашната Супер-лига, побара од РФМ да им се овозможи да по завршување на ЕХФ неделата да имаат дополнителни тренинзи за да може тимот во декември веќе да биде на едно ниво погоре, а не тогаш да стартува со подготовките.

„Сакам да побарам од вас и од УО, бидејќи 90% од репрезентативците играат во Супер-лигата, да се овозможува собир од два дена, дали ќе биде еден ден со преспивање, да го искористиме просторот да одржуваме два до три тренинзи. На крајот на таа ЕХФ недела да се собирме за да можеме посериозно да ги почнеме подготовките за СП. Крајот на декември ќе бидеме веќе во една добра фаза, нема да бидеме на почеток на подготовките“, рече нашиот најдобар македонски ракометар.

Лазаров е презадоволен од Медитеранските Игри, имаше мали забелешки за Мишевски и Томовски, кои во последен момент го откажаа настапот со надеж дека во иднина ќе имаме појасна слика околу националниот дрес, за кого секој треба да одговори во секое време.

„На Медитеранските Игри бевме најмлада репрезентација заедно со Грција. Ние сме првата репрезентација од групен спорт која се пласирала во едно полуфинале. Пофалби до сите од стручниот штаб и играчите што прифатија да играат и покрај тоа што имаа тешка сезона. Истите се од суштинско значење, ни се добредојдени вакви натпревари.

Се надевам дека во иднина ќе бидеме во подобра корелација со Комесарот за натпреварување. Ми недостасуваа неколку играчи, Мишевски и Томовски од Вардар, тие двајца играчи ќе беа драгоцени да беа со нас. Разговарав неколку пати со нив, велеа дека се уморни и дека им треба одмор, се надевам дека вакво нешто нема да се повтори во иднина. Треба да имаме јасна слика за сите репрезентатвици, да бидат присутни во секое време за репрезентацијата“. 

На оваа тема коментираше Муакетов, кој верува дека било склоп на околности и дека светиот дрес во иднина секој ќе сака да биде.

„Учеството на Медитерански Игри е главна додадена вредност за националниот тим, затоа треба и во иднина да учествуваме на ова натпреварување. Настапот за македонската репрезентација е најголема светост, се надевам дека во иднина секој ќе сака да биде дел, дека сето ова беше сплет на околности“, рече Мукаетов. 

ПретходноУО: Потврдена премијата од 700.000 денари за кадетите, Начевски предложен за наградата „8 Септември“
СледноМукаетов: Презадоволен сум од 12. место на СП! Нека ми кажат во кој спорт и на кое поле во оваа држава сме биле подобри!