Фудбалската федерација на Македонија во Скопје ќе биде домаќин на Уефа развоен турнир за репрезентации до 15 години (генерација 2008). Контролните натпревари ќе се одиграат на тренинг центарот „Петар Милошевски”.Покрај нашата млада селекција на Македонија, учество ќе земат и репрезентациите на Косово, Малезија и Ерменија. Уефа развојниот турнир ќе се одржи во периодот од 4 до 10 септември. Првиот натпревар нашата репрезентација ќе го одигра против Ерменија на 5. септември со почеток од 16. часот. Истиот ден од 11. часот силите ќе ги одмерат Косово и Малезија. На 7. септември во второто коло Македонија од 16. часот ќе игра против Малезија. Во 11. часот играат Ерменија и Косово.Последното коло на програмата е на 10. септември, Македонија игра со Косово во 16. часот, додека од 11. часот е дуелот помеѓу Ерменија и Малезија. Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 15, Раде Каранфилоски, се одлучи да ги повика следните фудбалери:
Голмани: Антониј Трајковски (ССК Скопје), Павел Грбевски (Вардар);
Одбрана: Ристе Стоилов (Академија Пандев), Матео Кесиќ (Вардар), Цека Назиф (Шкендија), Стефан Стаматоски (Еврофудбал), Албан Рочи (Јанг Тим), Енвер Фејзуловски (Пелистер), Мартин Џангаровски (Македонија);
Среден ред: Давид Ангелевски (Пелистер), Лорент Жаку (Јанг Тим), Александар Грашевски (Њу Старс), Матео Каранфилоски (Работнички), Иво Марковски (Драчево), Душан Бојовиќ Заев (Вардар), Давид Петрушев (Чукарички, Србија), Стефан Бујароски (Еврофудбал), Бленди Ганиу (Шкупи);
Напад: Валмир Хамити (Шкупи), Стефан Бранковски (Триглав);
Раде Каранфилоски, селектор на репрезентацијата на Македонија до 15 години:
„Овој турнир ќе биде одлична можност за младите фудбалери, се надевам дека ќе успееме да го спроведеме она што го работевме на тренинг. Овие дечки се сеуште во развој, се обидуваме да ги насочиме кон правата патека и вистинските вредности во спортот. Уште сме на почетокот, процесот е долг, како стручен тим работиме напорно околу подобрување на квалитетот на оваа селекција, анализираме и селектираме нови млади фудбалери. Иако резултатот на овој турнир не е во преден план, секогаш е убаво чувството да се победува и да се остварува позитивен резултат.” – изјави селекторот.