Македонската женска кадетска репрезентација заврши на 12 место на Светското првенство кое се одржа во Скопје. Со силно друштво и конкуренција од 32 селекции, „црвено-жолтите“ направија голем успех, со ова ќе се согласат оние кои имаа шанса да ги следат сите натпревари на Мундијалот, да се запознаат со квалитетот на сите учесници.
Откако селекторот, Љубомир Савевски го даде својот извештај пред Управниот одбор и го искажа своето задоволство, воедно најави нови ракометарки во сениорскиот состав, своја оценка даде и Живко Мукаетов, првиот човек на РФМ.
„Презадоволен сум од освоето 12 место на Светското првенство. Нека ми каже во кој спорт и на кое поле во оваа држава успеал да биде на оваа позиција. Честитки до вас селекторе и до девојчињата за она што го работевте, за односот и борбата за секоја топка која ја видовме на терен. Бевме егал со големи репрезентации, ни фалеше малку среќа за да се пласираме во најдобрите осум репрезентации во целиот свет“, изјави Мукаетов.
РФМ доби признание од страна на ИХФ за успешна организација на првенството кое нашата „куќа на ракометот“ ја организираше за кратко време. Без никакви проблеми, почитувајќи ги Ковид мерките беше завршено на високо ниво.