Пишува: Огнен Чак Дојчиновски
Македонската дијаспора со векови се распространува секаде во светот, и како таква може да се каже дека ја претставува нашата татковина на сите страни, и на сите контитненти. Ама буквално нема точка на светот, каде што Македонците не побарале подобар живот, што ја прави нашата нација уште по колоритна и побогата.
Тоа се чувствувало одсекогаш, а особено последните години кога Фудбалската Федерација на Македонија инсистира и напорно работи на пронаоѓање на млади фудбалери со наше потекло кои би заиграле во нашиот национален дрес. Тоа го правиме засега доста успешно, па добиваме репрезентативци кои израснале во Европа, САД, Австралија….
Дел успеваат да се наметнат, дел минуваат само во тренинг камповите на ФФМ, а да се надеваме дека Абиола Бамијоко ќе биде следниот наш дефанзивец кој ќе одбележи декада во репрезентацијата на Македонија. Да, момчето со афричко име и презиме заигрува за Македонија поради потеклото на неговата мајка. Момчето родено во Финска, чиј што татко е од Нигерија, веќе беше дел од тренинг кампот на нашата репрезентација, и остави фантастичен впечаток кај стручниот штаб. И не само тоа. Благодарение на неговите одлични настапи за неговиот досегашен клуб ППЈ Хелсински, тој летово направи сериозен трансфер во тимот на Сампдорија.
„Веќе извесен период овој клуб ме следеше и се интересираше за мене. Доаѓав неколкупати на пробен период, и кога се уверија во моите квалитети го направив трансферот летово. Пресреќен сум како и не би бил. Мојата фудбалска кариера сега добива едно сосема ново ниво. Нормално дека пред мене е долг пат на развој и многу работа но јас сум уверен дека ќе успеам затоа што знам што можам и колку сум посветен на фудбалот“ – ни изјави младиот Абиола, во интервјуто за Спортмедиа на чисто Македонски јазик.
„Да, зборувам Македонски. Многу често доаѓам во Скопје и во Ресен каде што имам роднини. Сите се тие пресреќни најпрво што заигрувам за Македонија, а потоа и што направив супер трансфер во Сампдорија. Македонија може секогаш да смета на мене. Тоа е мојата земја, и секогаш ќе се јавувам со многу радост на повиците од националниот тим“ – ни вели Абиола.
Елмас и Пандев се топ, а преку Сампдорија ќе стигнам и до ПСЖ
„Во моментов играм за мојата но и за постарата генерација во младинскиот погон на Сампдорија, и тренерите ме поддржуваат во тоа. Наскоро ќе заиграм и за Примавера тимот, а нормално дека цел е за брзо време да се изборам и за првотимски статус. Нема да брзам секако, нека оди се според планот. Знам дека Горан Пандев исто така има како многу млад пристигнато во Италија и преку младинскиот погон на Интер има стигнато до фантастична професионална кариера. Тоа е мојот омилен играч од Македонија, а секако заедно со него и Елиф Елмас. Играчи од светска класа. Репер како се успева. И мојот пат посакувам да биде таков. Преку добрите настапи во Сампдорија да стигнам до ПСЖ или пак Реал Мадрид, зошто да не“ – вели Абиола Бамијоко.
Левоног стопер кој многу ни е потребен
Низ годините Македонија често знаела да кубури со одредени позиции во националниот тим. Кога станува збор за Абиола Бамијоко, тој е играч на позиција која што е ретка и тешко се наоѓа. Тој е левоног стопер кој има исклучително голема висина, но технички одлично котира за неговата возраст. Секако, тој допрва треба да се развива и да го надгради својот несомнен талент и потенцијал.
„Во минатото играв на позицијата лев бек. Сепак, веќе извесен период настапувам како стопер и ете засега одлично ми оди. Ма која и позиција да ме стават ќе играм најдобро што можам. Фудбалот го сакам од мали нозе, и не постои нешто што ме прави посреќен. Наскоро ќе дебитирам за Примавера тимот на Сампдорија, а се надевам и за репрезентацијата на Македонија во квалификациите“ – вели Абиола Бамијоко за Спортмедиа.