Дебитантот во Супер-лигата, Алкалоид имаше старт од соништата во најсилното ракометно друштво во Македонија. Избраниците на Кирил Лазаров на гостувањето кај Прилеп демонстрираа сила, славе со убедливи 30-43.
Овој дуел беше решен уште по првото полувреме, кое гостите го добија со 17-22. Домашниот тим ниту еднаш не поведе на оваа средба, по почетните 4-4, Алклаоид со три гола во низа поведе со 4-7. Прилеп дојде на 8-10, по што следеше нова серија на скопскиот состав за 8-13.
Второто полувреме беше само формалност, Алкалоид продолжи да доминира, поведе со двоцифрени 25-35 за крај на сите надежи на спротивната страна.
Серафимов постигна осум гола, шест имаше Илиески, по четири Маркоски, Ѓорѓиев, Тодески и Петковски. Во редовите на Прилеп, Шокоски запиша осум погодоци.
И Вардар 1961 имаше лесна задача во првото коло, во Неготино славеше со 25-39, меч кој исто така беше решен по едно полувреме (13-21). Актуелниот македонски првак не му дозволи на противникот да „претне“ отвори со 6-2, за кратко време дојде на плус осум 11-19, до крајот беше само рутинска задача.
Моралес со седум гола беше прв стрелец, зад него беше Манасков со пет, четири гола имаше Ќосески. На другата страна Кочаров и Ташев имаа по пет погодоци.