Е.Пелистер покажа дека во петокот против Веспрем не се покажа во најдобро светло, дека унгарскиот тим беше фаворит, но не толку доминантен. Капитенот на битолскиот состав, Мирко Радовиќ, кој постигна пет гола, очекувано беше пресреќен за победа, но и за играта.
„Ќе ни биде од голема корист овој Ф4, првпат сме тука. Најважно е дека после првиот меч ја подигнавме главата, се издигнавме и се свртевме на мечот кон Нексе. Покажавме како изгледаме кога даваме себе од себе. Беше фајтерска средба, им запамтивме од минатата година. Од тука заминуваме со голема самодоверба, се вративме од негатива. По одморот влеговме во еден силен ритам, направивме разлика, според мене игра која треба само да ја негуваме да го подигнеме нивото“, изјави Радовиќ на официјалната прес-конференција.
Задоволен од играта на своите момци беше и Ларс Волтер, конечно неговиот тим се покажа во едно поинакво издание.
„Не мислев толку на Нексе колку на тоа да се покажеме во подобро светло. Мислевме на себе, да излеземе со нешто позитивно. Видовме два тима, на крајот Нексе немаше среќа, ние имавме среќа. Среќен сум дека Соси одигра добар меч, беше повреден. Ја променивме играта од петокот, тоа е најважно“.