Килијан Мбапе долго време беше главна тема на преодниот рок, а потоа донесе одлука да потпише нов договор со ПСЖ, наместо да се пресели во Реал Мадрид. Оттогаш поминаа месеци, а се уште се зборува за се што доби Французинот со тој нов договор.
Се пишуваше дека поради ова морал да стане првиот изведувач на пенали, дека може да влијае на политиката на клубот и кои тренери ќе ги доведе управата, а сега конечно се знае едно – вредноста на тој тригодишен договор е 375.000.000 евра.
Оваа информација ја пренесува угледниот „Њујорк тајмс“ кој дава неверојатни информации за деталите од договорот на Мбапе со ПСЖ. Младиот фудбалер добил 125.000.000 евра како бонус само за потпишување на договорот.
Така стана спортистот кој го добил најголемиот бонус за потпис во историјата, но тука не завршуваат неверојатните бројки. Поранешниот играч на Монако доби тригодишен договор вреден 250.000.000 евра, односно околу 83.000.000 евра по сезона. Секако, тука не се вклучени можните бонуси за освојување големи трофеи и слично, а интересно е што Мбапе во интервју за „Њујорк тајмс“ потенцираше дека парите не биле главниот мотив при носењето на одлуката, иако добил значително побогата понуда од Реал.
„Каде и да одам ќе ми дадат пари“, изјави Мбапе и рече дека е многу изненаден што претседателот на Франција, Емануел Макрон, контактирал со него и се обидел да го убеди да остане во ПСЖ.