По убедливиот триумф во неделата во Струмица, на гости кај А.Пандев со 3:0, шефот на стручниот штаб на Струга Трим Лум, Срѓан Захариевски ги честеше своите играчи со дводневен мини – одмор. И тоа како заслужен, ако се знае како неговата екипа одигра во првите шест кола од тековната сезона. Но од утре тие се на тренинг, стартуваат подготовките за седмиот меч во сезоната и тоа против Скопје, меч кој се игра во недела во рамките на 7.коло во ПМФЛ. Ете голема шанса перфектната Струга Трим Лум уште повеќе да се зацврсти на тронот. Потоа наредниот викенд, стружани во меч од 8.коло повторно играат дома, и тоа со Тиквеш. Значи ако се биде како што треба, Струга Трим Лум може лесно да се случи по првите 8 кола во новата сезона да има навистина перфектен скор осум од осум. Се разбира дека нема да биде лесно, но како досега играат момците на Захариевски се е можно. Во меѓувреме, помеѓу двата меча со Скопје и Тиквеш, Струга ТЛ во среда (14 септември) ќе гостува во Неготино каде во меч од 1.коло во Купот на Македонија ќе игра против Вардар Неготино.
Се разбира дека оваа пречка не би требало да претставува проблем за Струга ТЛ.
Инаку во јавноста владее големо изненадување за игрите и резултатите на Струга ТЛ, се разбира позитивно. Се величат играчите, потоа тренерот Захариевски, секако и клупското раководство и спонзорот кои овозможија ова лето тимот да се засили и да биде максимално подготвен за предизвиците оваа сезона.
Кога сме кај резултатите на Струга ТЛ во изминатите шест кола тие се: Победа 3:0 (дома), Брегалница 1:0 (гости), Силекс 2:1 (дома), Шкендија 2:0 (гости), Силекс 2:1 (дома), А.Пандев 3:0 (гости).
Шест меча, шест победи, освоени 18 бодови, со гол разлика 13:2. Посебно импресионираат резултатите на гости.Три меча, и тоа кај Брегалница, Шкендија и А. Пандев, три победи и тоа без да се прими гол.
Секако тон на ваквиот настап даваат голманот Ведран Ќосевски,кој прими само два гола на шест натпревари.Потоа капитенот Буњамин Шабани кој е “мозокот“ на тимот, се разбира Бесарт Ибраими кој е “бомбардерот“ во лигата со 5 голови, како и сите останати кои досега добија минутажа во изминатите шест кола.
Струга ТЛ,колку и да не сакаа тренерот Захариевски и играчите тоа да го признаат, полека, но сигурно станува фаворит за освојување на титулата.
Па и редно е веќе титулата да не оди само во Скопје и Тетово, може оваа сезона да заврши во Струга.