Некогашниот дефанзивец на Баерн и поранешен репрезентативец на Германија, Холгер Бадштубер е принуден да ја заврши кариерата. Тој осум години играше за Баерн и за тоа време освои многу трофеи меѓу кои и Лигата на шампионите во 2013 година.
Меѓутоа од тогаш почнаа неверојатните проблеми со повредите. Штутгарт во 2017 година го донесе во своите редови и му даде шанса да ја поврати кариерата, но и тука се појавија проблеми. Во четири години одигра само 61 меч во сите натпреварувања и најчесто беше надвор од терените. Потоа играше за Луцерн од Швајцарија, па сега одлучи да се пензионира.
Инаку Бадштубер во текот на кариерата претрпе неколку тешки повреди и тоа во моменти кога играше во одлична форма. Во декември 2012 година ги скина лигаментите на коленото, по шест месеци се врати на терените и повторно ги скина истите.
Потоа ја скина тетивата на левата нога, а во 2015 година ја повреди истата нога па мораше на операција. Во 2016 година го повреди зглобот поради што мораше на долга пауза. Во кариерата пропуштил дури 212 натпревари.
„Во сеќавање ги оставам успешните страници во мојата кариера. Жалам само што имав толку многу повреди“, рече Бадштубер.
ФОТО: Тwitter