ФК Работнички ја има таа чест да биде во самиот врв од Европската асоцијација на клубови (ЕКА), и да биде во друштво заедно со претставници од европски фудбалски гиганти од типот на Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Баерн Минхен, ПСЖ….
Поточно, во официјалното соопштение на ФК Работнички се појаснува за што точно станува збор, односно за каков важен проект се работи.
„Генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев, е избран да биде дел од новата работна група „ECA Sustaninability Working Group“ која ќе креира предлози за развој на фудбалската игра и одржливоста на клубовите со влијанието што го имаат во социјалната средина.
Членови на оваа група се и водечките клубови на Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Баерн Минхен, Рома, Селтик… За каков почитуван собир се работи доволно отсликува фактот дека од регионот на поранешна Југославија, честа ја добија Работнички преку генералниот секретар Ненад Монев и Азра Нумановиќ од ФК Сараево“ – се вели во соопштението на ФК Работнички.
Монев: Чест и задоволство е да се биде дел од ваков проект
„Ова е голема чест, но воедно и предизвик, да се работи и придонесува за развојот на ЕКА и на европскиот фудбал заедно со претставниците на дел од најголемите европски клубови. Со досегашниот мој личен ангажман, и на ФК Работнички како клуб, и посветеноста во ЕКА, добив една ваква важна улога. Секое искуство ќе биде драгоцено, а секако ќе се потрудам Работнички и македонскиот фудбал да бидат претставени во најдобро можно светло“, вели Ненад Монев, генералниот секретар на ФК Работнички.