И тоа како работите во Струга ТЛ се променија, секако на подобро, со доаѓањето на Бесарт Ибраими. “Кралот на головите“ во ПМФЛ, рекордерот, засега во изминатите шест кола постигна пет голови за Струга ТЛ и во многу помогна неговиот тим да е лидер, да има максимални 18 бодови. Се разбира дека попладнево, во меч од 7.коло на домашен терен против Скопје, од него се очекуваат нови голови.
„Знам што се очекува од мене. Реков и порано дека се радувам на секој гол, но најважно е Струга ТЛ да победува. Никаква корист од моите голови ако мојот тим не победува. Денеска го дочекуваме Скопје, тим за респект. Никако нема да биде лесно, напротив. Во оваа наша лига нема лесни натпревари, на секој мора да го дадеш максимумот ако сакаш да победиш. Ние во Струга ТЛ пред денешниот меч не криеме дека сакаме победа, сакаме седум од седум, но мора да се даде максуиумот, мора Скопје максимално да се респектира“ вели Бесарт Ибрами за “Спортмедиа“.
Интересно, тој денеска ќе игра против Христијан Кировски и Баже Тодоровски. Со двајцата некогаш заедно беше во Шкендија.
„Да не заборавите дека со Баже играв заедно и во Ренова пред 12 години, ете годините си минуваат. Јас, Џери Кировски и Баже долго време заедно игравме во Шкендија, сега сме на различни страни, тоа е фудбалот. Со нив двајца Скопје има искуство и квалитет, да не заборавиме и на Јасмин Мециновиќ. Скопје има добар тим, тим за респект, затоа ние треба да одиграме најдобро што можеме ако сакаме да дојдеме до трите бода“ заврши првиот “бомбардер“ во нашата елитна лига.