Репрезентацијата на Словенија на ЊЕвропското првенство во Берлин остана без услугите на Зоран Драгиќ, кој поради повреда го заврши своето учество на Евробаскетот 2022.
Лошите вести за словенечката репрезентација во пресрет на четвртфиналето против Полска, стигнаа откако Драгиќ го повреди бутниот мускул и лекарите потврдија дека тој нема да може да и помогне на селекцијата до крајот на турнирот.
„Очигледно не ми е судено да и помагам на репрезентацијата во решавачките битки на ЕП, ќе им помагам на соиграчите од клупата, ќе ги бодрам гласно и на овој начин ќе им дадам позитивна енергија, која ќе ни биде потребна. Наредните денови верувам дека момците ќе го остават срцето на теренот и дека на крајот заедно ќе се радуваме на добриот резултат кој сите го посакуваме многу“, изјави Зоран Драгиќ.
Помладиот од двајцата браќа Драгиќ се повреди на крајот од првото полувреме од осминафиналето против Белгија.