Александар Василевски по една година пауза се врати назад во редовите на Пролет и веднаш презема значајна улога во тимот на тренерот Лембанов.
Тоа беше случај и на саботниот дуел со Пелистер 2, меч на кој Василевски постигна неколку значајни погодоци во првото полувреме, кога Пролет успеа резултатски да се одлепи.
„Мислам дека одигравме извонреден натпревар. Клучна беше цврстата одбрана, добро го имавме анализирано противникот, но најважно беше што одигравме буквално се она што го договоривме пред мечот. На тој начин ги неутрализиравме нападите на битолчани и си го трасиравме патот кон победата, која беше апсолутно заслужена“, истакнува Василевски.
Двете победи на првите две средби од новата сезона во Супер-лигата дополнително ја креваат атмосферата во таборот на Пролет.
„Секако дека е одлично кога сезоната ќе се стартува со две победи. Супер-лигата е долга и има уште многу за играње, но верувам дека и ние не сме го достигнале максимумот и ќе играме уште подобро како што ќе одминува времето. Реално, првото место ќе биде резервирано за Еурофарм Пелистер, но наша цел е да се бориме да завршиме најмалку на втората позиција во пресрет на плејофот“, вели Василевски.