Италија е новиот светски шампион во одбојка

101

Машката одбојкарска репрезентација на Италија е новиот светски шампион. Во големото фианле на Светското првенство во Полска, Италијанците со 3-1 (22-25, 25-21, 25-18, 25-20) славеа против бранителот на титулата и домаќин на завршницата на првенството, селекцијата на Полска.

Полјаците беа на добар пат до третата последователна шампионска титула, го освоија првиот сет, а во вториот имаа постојана предност до 20-18. Потоа дојде до голем пресврт за Италијанците, кои во вториот сет освоија седум од последните осум поени за 25-21, а во третиот и четвртиот сет целосно доминираа.

Најдобриот меч во финалето го одигра италијанскиот капитен и техничар Симоне Џанели, кој на располагање ги имаше напаѓачите Лавија, Микелето и Романо. За Италија ова е четврта титула светски шампион, по трите во низа во 1990-тите (1990, 1994, 1998), а има и едно сребро. Полска, пак, не успеа да ја освои третата последователна титула, а вкупно четврта, по оние во 1974, 2014 и 2018 година. Ова и е второ светско сребро.

Бронзата ја освои Бразил, кој во мечот за третото место ја совлада Словенија со 3-1 (25-18, 25-18, 22-25, 25-18).

ПретходноАлкараз го освои УС Опен и стана најмладиот бр. 1 во историјата!
СледноАргентина е нов кошаркарски шампион на Америка, САД само трети