Се чини дека кризата на „Чаир“ минува со оглед на тоа како екипата играше и демонстрираше сила на дуелот со Работнички и рафалот од 5:0 на шампионот. Лесно е сега, задоцнето е сето тоа па така наместо клубот од „Чаир“ да зборува за историја, за дуели од група во Лига на Европа или Конференциска лига ете сега ќе се поправаат грешките кои требаше да се поправат многу порано.
Сега ќе има радости на домашни победи по оние дебакли од Шамрок и Балкани, но и со Победа, Тиквеш и Брегалница во домашниот шампионат. Го вратија Гоце Седлоски на клупата затоа што договорениот тренер бараше 2-3 недели за враќање на „Чаир“, па следуваа суспензии на немирните Данфа и Хамиди (не се знае до кога). Двајцата кои беа бурни по поразот од Тиквеш добија „воспитни“, но тоа требаше да се случи и во летото кога Сандеј и Фаустин јадеа ќотек во дискотека пред евро-настапите на клубот. Воспитни треба во секое време, авторитет се гради кога законите и правилата важат за сите играчи а не само за поединци. Сега откако сите легнаа на брашното се прават напори да се врати се во нормала иако историјата и возот за сензација во Европа замина и не се знае дали некогаш ќе се врати.
На „Чаир“ до Седлоски го назначија Арбен Нухиу. Тој со својот авторитет треба да ги спушти сите ѕвезди кои полетаа и покрај „тешката“ рака на Седлоски кој сфати дека не е семоќен и дека и без се може. Сепак таква е состојбата, нема тренери, некои не прифатија а некои не можеа веднаш. Сега е време да се работи напорно и да се обиде клубот од „Чаир“ да се врати во нормала. Големата анализа и стручност која летово беше донесена како помош им се удри од глава па така во ФК Шкупи се чини на време се освестија за да го тргнат непотребниот вирус поради кој сеуште се во шок клубови како Хоризонт Турново од минатото а Вардар и Работнички од сегашноста. Таа стручност им се удри од глава, таа стручност им донесе катастрофални летни засилувања, таа стручност ги исфрли од Европа им ја одзема историјата и милионите. Но дали сето ова е сигнал за спас на кризата ќе покаже токму саботното гостување кај исто така „удавената“ Шкендија!?
Меч за спас на сезоната и фаќање на приклучок кон перфектната Струга ТЛ. Гоце Седлоски и сите на „Чаир“ треба да знаат дека со лажни политики и ситни интереси не може да се оди напред. Ете рафал и 5:0 победа без Хамиди, Данфа и голгетерот Сандеј.
Црвените картони кои се случија во минатото беа намерни или ненамерни!? Кој како ќе свати а времето ќе покаже… Само цврста рака и „заушки“…. без тоа нема резултати, нема игри, нема победи…