Шпанецот Карлос Алкараз го освои последниот тениски Грен слем турнир во сезоната, популарниот УС Опен, откако во финалето го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 6:4, 2:6, 7:6 (1), 6:3.
За Алкараз ова е прва Грен слем титула во кариерата, а со оваа победа стана и првиот тенисер во светот. Со 19 години и четири месеци, Шпанецот стана најмладиот светски рекет број еден. Досега тој рекорд го држеше Австралиецот Лејтон Хјуит, кој во 2001 година до првата позиција на АТП листата стигна со 20 години и 9 месеци.
Младиот Шпанец досега само еднаш играше во Њујорк, лани, кога стигна до четвртфиналето, што беше негов најдобар резултат досега на еден од четирите најголеми светски турнири.
Алкараз во третиот меѓусебен меч со Руд стигна до третата победа по три часа и 22 минути игра. Годинава веќе го освои Мастерсот во Мајами. Со оваа победа, Алкараз стана и вториот најмлад победник на УС Опен по Пит Сампрас, кој го подигна трофејот во 1990 година со само 19 години и 28 дена. Најмладиот победник на Грен слем турнир во опен ерата е Американецот Мајкл Чанг, кој го освои Ролан Гарос во 1980 година на возраст од 17 години и 110 дена.