Пишува: Зоран Ѓоршоски
Требаше Гоце Седлоски да се врати на Чаир, по само неколку дена откако си замина, да се вратат и победите. Се врати еуфоријата кај фановите, се врати шампионскиот шмек. Шкупи без Седло доживеа два порази, со него вчера успеа да го победи, во градското дерби, тимот на Работнички со 5:0. Секако дека многу им олесна на чаирчани исклучувањето на Исмаили во 8.минута, но победа си е победа, посебно кога ќе “пукне“ петарда.
Дали работите се вратија онаму каде што беа во Шкупи пред еден месец и повеќе?
Секако дека тоа треба за тоа допрва да видиме.
Јасно е дека од Работнички многу повеќе се очекуваше, но тоа е тоа. Овој пораз му пресуди на Калц, па така од денеска тој не е веќе тренер на тимот од Градски парк.
Струга Трим Лум и натаму си ГАЗИ. Го победи и Скопје во седмиот меч оваа сезона, забележа седма победа, па така сега има максимални 21 бод на своето конто. Се чини дека стружани по малку како да стануваат здодевни, само победуваат.
Дали овој тим е спремен за да стане шампион, во многу ќе зависи и од неделниот дуел со Тиквеш. Ако успее да победи, тогаш за време на паузата ќе влезе со 24 бодови, математички ќе има предност од +7 од Шкендија и +8 од Шкупи, и тогаш се е можно.
Дали го забораваме Силекс на стратегот Горазд Михаилов?
Кратовци се втори, собраа 14 бодови, едноставно не се во “жижата“ што се вели, но тие трпеливо и молчешкум си победуваат. Прашање е само до кога ќе издржат…
Каков кикс на Брегалница во Прилеп? Неверојатно. Овој меч требаше и дефинитивно да покаже по каква патека оваа сезона ќе се движи тимот, но штипските “сини“ загубија од Победа. Прилепчани покажаа дека и со овој тим, посебно кога играат дома пред 5.000 гледачи, можат со секого да се носат.
Влатко си замина од Кавадарци, а Тиквеш победува. Две победи во серија и тоа над Шкупи и А.Пандев, допрва овој Тиквеш ќе каже што има.
Неславно враќање на Александар Васоски на клупата на А. Пандев. И дефинитивно струмичани се во криза, исто како и Македонија ЃП. “Лавовите“ едноставно не можат да се препознаат, во саботата загубија и тоа дома, од Силекс.
Шкендија беше слободна, а веќе претстојниот викенд не очекува осмото коло пред да се оди на пауза поради репрезентативните обврски. Претходно во среда се игра првото коло во Купот на Македонија за тековната сезона.