Шпанија е новиот владател на Европа. „Фуријата“ дојде до четвртото злато и на тронот се врати после седум години. Во финалето шпанските кошаркари ја совладаа Франција со 88-76 и сосема заслужено се закитија со златниот медал.
На другата страна француската репрезентација причината за неубедливата игра во финалето ќе треба да ја бараат во големиот број на изгубени топки, вкупно 19.
Хуанчо Хернангомез со 27 поени беше прв стрелец, Браун имаше дабл-дабл од 14 поени и 11 асистенции, ист број на поени имаше Вили Хернангомез. На другата страна Фурние имаше 23 поени, додека Гобер имаше само шест.
Почетокот не беше според очекувањата, франција поведе само на почетокот на мечот (0-1), по што „фуријата“ врати со пет поени во низа за 5-1, а потоа брзо дојде на двоцифрени 18-1. Првиот период Шпанците го завршија со 23-14. Не застанаа, во силен ритам ја одиграа и втората четвртина, во која ги казнија сите грешки на противникот, па имаа плус 21 (47-21). Франција беше немоќна во овој период, но сепак успеа да се разбуди на време, со серија од 11-0 на одморот намли на 47-37.
Шпанците не блескаа на стартот на третиот период, Франција се закани и дојде на 49-46, но тука застана. Со серија од 9-0, „фуријата“ зголеми на 58-46 и 61-48. Во последната четвртина, Франција влезе со негатива од девет поени (66-57).
Франција не се откажа продолжи со притисокот, во 32 минута, Скариола доби техничка грешка, откако судиите направија голема грешка, не видоа дека топката го допре обрачот. Па противникот дојде на 68-61, најдобриот Хуанчо Хернагомез со тројка одново зголеми на двоцифрени 71-61. Од овој момент, Шпанија не дозволи поинаков тек на мечот, искусно го приведе дуелот и се радуваше на европското злато број четири.