После победата над Барселона од 2-0 во Лигата на шмапиони, Оливер Кан ги советуваше сите да не ги понесе еуфорија, како да знаеше дека Баерн веќе во следниот меч ќе направи голем кикс, можеби најголем оваа сезона. Три дена по големото славје, баварскиот гигант беше поразен од Аугсбург со 0-1 и ја продолжи низата без победа на четири средби, нешто што се нема случено во последните 20 години. На првите три одигра реми.
„Амтосферата одамна не била вака лоша, сите сме во пад“, изјави по натпреварот спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ и само го потврди тоа што го кажа тренерот Нагелсман веднаш по последниот судиски свиреж. Стратегот на Баерн се упати кон соблекувалната со тажен израз на лицето и таму остана многу подолго од вообичаеното, речиси половина час.
Германските медиуми пренесуваат дека во соблекувалната Нагелсман ги „чешал“ играчите и побарал објаснување од нив за толку лош натпревар, но тој на прес-конференцијата јасно ставил до знаење дека е свесен дека сноси најголема одговорност.
Сепак, својата навика не ја промени, Нагелсман е убеден дека најмногу виновни за моменталната ситуација се играчите. Најмногу им замерува за големиот број на пропуштени шанси, но и за неиграње на акциите. Од друга страна, веќе извесно време во германските медиуми се пишува дека играчите се незадоволни бидејќи Нагелсман секогаш ги обвинува само за лошите резултати.
„Сега сите се во неволја, не само Нагелсман. Нема повеќе изговори, сега мора да дојдат победите“, изјави Салихамиџиќ по мечот и на најдобар начин опиша колку е длабока кризата што го тресе германскиот шампион.