Само две екипи во Супер-лигата имаат перфектен скор, една од нив е Алкалоид!

167

Пред да се комплетира третото коло, излегот на табелите во машката Супер-лига вели дека само две екипи и тоа од групата А имаат перфектен скор, три победи во исто толку одиграни натпревари.

Една од нив е дебитантот во супер-лигашкото друштво Алкалоид. Избраниците на Кирил Лазаров на стартот на сезоната ги совлада Прилеп, Куманово и на првиот домашен меч беа подобри од ГРК Охрид. Првите два ги добија убедливо, додека третиот меч иако не го добија на ист начин, сепак доминираа.

Вториот тим е бранителот на титулата. Вардар 1961 ги победи Вардар Неготино, Бутел Скопје и Прилеп.

Зад шампионот и Алкалоид во групата А е Струга, по што следи Бутел Скопје, двете екипи имаат скор од две победи и пораз. Охрид и Куманово имаат победа и два порази, додека Вардар Неготино и Прилеп се без бод.

Кој ќе остане перфектен ќе дознаеме во следното коло кога се среќаваат лидерите, Вардар и Алкалоид.

Е.ПЕЛИСТЕР ПОКАЖА СЛАБОСТ ПРОТИВ ПОМЛАДИТЕ БРАЌА

Во групата Б, пак во која денеска треба да се одигра последниот меч од третото коло меѓу Голден Арт и Скопје (16:30 часот), фаворитот Е.Пелистер киксираше против „своите“. Во Битола се случи изненадување. Дали претставникот во групната фаза во Европската лига ги потцени ракометарите на Е.Пелистер 2 или не, сепак со оглед на тоа дека го чека многу поголем предизвик ќе мора добро да се преслуша и да ги оправда вложувањата.

Ремито доаѓа како опомена. Е.Пелистер има нов, но силен и искусен тим, кој засега не дава таков впечаток. Против Вардар се мачеше да го освои Супер-купот, сега против вториот битолски тим беше на прагот на пораз, но на голема среќа се случи пресврт во самиот финиш.

Е.Пелистер заедно со Пролет го делат првото место на табелата, имаат две победи и реми, зад нив е Тиквеш со две победи и пораз. Останатиот дел ќе биде комплетиран по завршување на мечот меѓу Голден Арт и Скопје. Повратникот во Супер-лигата нема победа, додека пак Скопје тоа го стори против Јуниор К.В.

ПретходноФИБА додаде уште еден домаќин за ЕП 2025: Кошарка ќе се игра од Кипар до Финска
СледноКој ќе биде новиот владател на Европа: Шпанија или Франција?