Во Барселона се случија големи промени по доаѓањето на Чави Хернандез во клубот, кој кога пристигна играчкиот кадар не беше на потребното ниво. Затоа каталонскиот гигант и покрај големите финансиски проблеми се засили во претходните преодни рокови. Ова придонесе за тимот, но и турна во втор план неколку поискусни играчи.
Очигледно Чави веќе не смета на тројцата со најдолг стаж во клубот. Жерар Пике, Жорди Алба и Серхио Бускетс кои на клупата за резервни играчи го следеа мечот со Елче. Капитенската лента ја зеде голманот Марк Тер-Штеген, а во игра не влегоа тројца фудбалери кои некогаш му беа соиграчи на Чави.
Младиот Алекс Балде, кој е огранок на школата на Барса, си го „зацементира“ местото покрај левата аут линија и веќе никој не зборува за Алба, стоперскиот тандем го направија Гарсија и Араухо, додека дури и Френки де Јонг има предност пред Бускетс во средниот ред. Холандскиот фудбалер цело лето беше на излезната врата од клубот, а сега е во тимот пред еден од најискусните играчи.
Ваквиот однос кон поранешните ѕвезди ги принуди шпанските новинари да развијат теорија дека клубот наскоро ќе им се заблагодари на сите тројца фудбалери за соработката. Зенитот на нивните кариери одамна помина, а огромните плати се тежок удар за клубот кој неколку години е во проблеми. Затоа, не би било изненадување доколку Чави им даде пријателски совет да го напуштат клубот. Веќе летово се шпекулираше дека сите тројца имаат понуди од МЛС, па останува да се види дали еден од нив – можеби веќе во јануари – ќе се пресели во САД.