Понекогаш потребно е трпение. Не секогаш некој успева на млади години да се пробие во националниот тим и да игра. Некој порано, некој подоцна, но секој ќе си го најде својот пат.
Луис ван Гал неодамна го објави списокот на фудбалери на Холандија за претстојните натпревари против Полска и Белгија во Лигата на нациите што воедно ќе биде и тест на моќта на репрезентацијата пред Мундијалот во Катар кој ќе се игра во ноември и декември.
Меѓу дебитантите е и голманот на Ајакс Ремко Пасвер, кој во ноември ќе наполни 39 години. Човекот кој случајно се најде на голот на Ајакс ја оправда довербата на Тен Хаг и е стандарден член.
Пасвер во 2006 година беше младински европски шампион со Холандија во тимот за кој настапуваше и Клас Јан Хунтелар кој тогаш заврши како најдобар стрелец на турнирот. Како илустрација 18 од 22 соиграчи на Пасвер од таа екипа сега е во фудбалска пензија. На истото ЕП играа Нани, Кварезма, Агер, Киелини, Ивановиќ, Красиќ, Сања, Гуркуф, Фламини,Пјатов… Голем дел од нив ги завршија кариерите.
ДЕБИ ЗА ХОЛАНДИЈА И ПАТ НА МУНДИЈАЛ
Додека другите уживаат во фудбалска пензија, кариерата на Пасвер како да „оживува“. Тој доби повик да дебитира за репрезентацијата на Холандија, а може и да биде на списокот на патници на Мундијалот во Катар. Тоа би била перфектен почеток и завршница на кариерата во националниот тим.
37-year-old Remko Pasveer is the first and only goalkeeper to save three of Erling Haaland’s shots on target in a single Champions League match 😳👏 pic.twitter.com/NkPAj6zLjv
— ESPN FC (@ESPNFC) October 20, 2021
ЦЕЛА КАРИЕРА КАКО РЕЗЕРВА, ДУРИ СЕГА „ПРОЦВЕТА“
Пасвер ја поминал целата кариера во Холандија и тоа во Твенте, Хераклес, ПСВ, Витесе и Ајакс. Во ПСВ освои две лигашки титули иако повеќето мечеви ги преседе на клупата. Дури ни во Витесе не се изнаигра.
Ајакс го доведе без пари да биде резерва. Но после суспензијата на Онана и тешката повреда на Стекеленбург, тој доби шанса да игра. По првиот меч не импресионира, прими четири гола од ПСВ во Суперкупот.
Сепак, тогашниот тренер на Ајакс Тен Хаг немаше друг избор освен да го остави Пасвер на голот. А како што одминуваше времето тоја стануваше се подобар и подобар. Во првите 12 натпревари од минатата сезона, Пасвер прими само два гола со што постави лигашки рекорд. Понатаму, прими четири гола во 20 лигашки натпревари. Во новата сезона Пасвер е стандарден, Ајакс има шест победи во првенството, а тој играше и на двата меча во ЛШ против Ренџерс (победа од 4:0) и Ливерпул (пораз од 2:1).