Милев пред дуелот со Апелдорн: Неиграњето на Русите е голем хендикеп за нас, но нема да се предадеме

273

Одбојкарскиот шампион на Македонија, Струмица Никоб, отпатува за Холандија каде утревечер ќе ја има премиерата во првото елиминациско коло од најсилното клупско натпреварување, ЦЕВ Лигата на шампионите. Пред струмичани е голем предизвик, ако се знае дека играат против холандскиот првак кој има долга традиција во европските натпреварувања.

Проблем плус за Струмица Никоб ќе биде и отсуството на тројцата руски интернационалци на кои не им беше издадена виза за влез во Холандија, па ќе мора да го пропуштат првиот дуел од оваа квалификациска фаза.

Капитенот на тимот и еден од најискусните во составот, Владо Милев, на заминување за Холандија, вели дека Апелдорн има млада, но перспективна екипа.

„Како што знаете патуваме ослабени поради неможноста за патување на руските играчи. Од она што го имаме како материјал од подготвителните натпревари на Динамо Апелдорн кои ги имаат одиграно минатиот викенд, можеме да видиме дека се работи за млада екипа, но доста перспективна. Редовно учествуваат во европските купови и во тој дел имаат повеке искуство. Сепак, без разлика што патуваме некомплетни, не се предаваме, ќе играме растоварено и без притисок, а нашата шанса ќе ја бараме на реваншот во Скопје, каде ќе бидеме комплетни. Верувам во играчите, исто така верувам и во овој ростер со кој што патуваме за Холандија. Очекувам добри натпревари и што подобро претставување на македонската клупска одбојка на меѓународна сцена“, вели Милев.

Првиот меч во Холандија е на програмата утре од 19.30 часот.

ПретходноПоради семејна трагедија Инсиње нема да игра за Италија на натпреварите во Лигата на нации
СледноШок пораз за Митревски на стартот во Португалија