Камерунецот „кине“ мрежи во ПМФЛ: Нгоба е “бомбардерот“ на Тиквеш!

1361

Едно од пријатните изненадувања во изминатите осум кола од стартот на сезоната секако дека е Тиквеш. И тоа најмногу благодарение на Анаел Барга Нгоба, интернационалец од Камерун. Нгоба сезонава постигна четири голови и е веднаш зад Бесарт Ибраими на листата на стрелците. Камерунецот, кој во Кавадарци дојде минатото лето, за само една година стана миленик на фановите на Тиквеш, најдобар фудбалер на тимот и еден од најдобрите напаѓачи во ПМФЛ. Посебно се истакна во досегашниот дел од сезоната во која беше стрелец за својот тим на гостивањето во Кратово, потоа му стегна два гола на шампионот и беше “виновникот“ за триумфот на Тиквеш од 3:1 против Шкупи, а и даде гол и на А. Пандев во меч во кој Тиквеш победи со 2:1.

Да не заборавиме дека Нгоба со двата гола му донесе пласман на својот тим во осминафиналето во Купот на Македонија, кога Тиквеш со 0:2 победи во Гевгелија со Кожуф минатата среда.

Се гледа од далеку дека Нгоба е еден од најдобрите странски напаѓачи кои во последно време играле во ПМФЛ. Станува збор за фудбалер кој е робусен а истовремено и брз. Знае со топка, знае сам да си создаде шанса и секогаш е на вистинското место.

Факт е дека во моментов важи за напаѓач кој е во ТОП 3 во ПМФЛ.

Во Тиквеш се горди и среќни што го имаат Нгоба. Кога тој е во тимот на сите им е полесно во тимот. Типичен голгетер, живее да ги тресе противничките мрежи. Токму затоа, по се она што го видовме од него во изминатите 14 месеци во дресот на Тиквеш, веќе и тоа како почнаа менаџерите да се распрашуваат за Нгоба, за “бомбардерот“ на Тиквеш и “бомбардерот“ во ПМФЛ.

ПретходноХендерсон на местото на Филипс во репрезентацијата на Англија
СледноКостески и Пелистер ја продолжија соработката