Со Деспотовски добиваме иднина на две позиции

624

Македонската репрезентација до 21. година во моментов се наоѓа во Хрватска каде што во следните неколку дена ќе биде дел од пријателскиот турнир на кој покрај ние учевстуваат уште и Албанија, Саудиска Арабија и домаќинот Хрватска.

Секако дека ова ќе биде одлична можност за селекторот Драган Канатларовски да увиди со што се располага во моментов како капацитет, и потенцијал на оваа генерација и како тој планира сето тоа да го вклопи. Минатиот квалификациски циклус не го завршивме славно, време е да се подигнеме на резултатски план.

Оваа генерација од овој повик е посилна за Стефан Деспотовски. Момчето кое нам ни е познато од поодамна и кое повторно се наоѓа во дресот на Македонија. Тоа е момче кое беше дел од нашите младински селекции, а потоа замина да игра за Србија. Беше капитен на У17 односно У19 генерациите, но сега ете одлучи во У21 конкуренцијата да настапува за нас.

„Мислам дека имам поголема шанса да стигнам до сениорскиот тим на Македонија. Среќен сум што сум тука, веќе настапував за Македонија во одреден период и не ми е непознаница. Секако дека ќе дадам се од себе за да се изборам за првотимски статус најпрво во У21 селекцијата, а потоа со тек на време да бидам дел од А репрезентацијата на Македонија“ – ни изјави Деспотовски.

Тој настапуваше за Црвена Звезда, па за филијалата на гигантот од Белград, Графичар, за да летово направи трнсфер во тимот на Штурм Грац.

„Деспотовски е играчот кој ни е потребен. Екстра квалитет. Тоа се гледа од „прва“ што се вели. Јас го гледам на две позиции, десен бек но и стопер. Одлична конституција, одлична техника. Играч кој би посакал секој селектор не само во младински категории“ – ни изјави пак селекторот Драган Канатларовски.

Првиот меч на турнирот во Хрватска го играме утре против репрезентацијата на Албанија.

ПретходноЕлмас и Kварачелија имаат „нерасчистени“ сметки
СледноСуперкупот на Европа се сели во САД