Толку беше. Од Беласица до Парма, секако и сите селекции на Македонија. Од 1999 година до 2022 професионален фудбал, цели 23 сезони. Беласица, Интер, Специа, Анкона, Лацио, Интер, Наполи, Галатасарај, Џенова и Парма.
За А-репрезентацијата на Македонија одигра 122 натпревари и постигна 38 голови.
Бројки за восхит, нешто фасцинантно. Шампион на Европа и на Италија, пехари, титули, успеси…
ГРАНДЕ во Италија, во Македонија НАЈГОЛЕМИОТ.
Како во еден текст да се стават сите оние негови супер-мечеви, голови, радости.
Откако објави во Италија дека е крај, секако дека сега е време за потсетување и анализи.
Вкусот е различен, но еве потсетуваме на петте мечеви и голови на нив на кои Пандев блескаше, тоа се тие моменти на кои вечно ќе се сеќаваме на НАЈГОЛЕМИОТ во фудбалска Македонија.
Се разбира дека ова е наш избор, но може да се стават уште многу, барем уште десетина ако не и стотина моменти кога станува збор за Горан Пандев.
-12.11.2020
Грузија – Македонија, бараж за ЕВРО. Со голот на Пандев во 56.минута ние победивме среде Тбилиси и успеавме да се пласираме за првпат на едно големо натпреварување.
-13.06.2021
Македонија – Австрија. Меч од ЕВРО 2020. На тој натпревар Пандев го постигна историскиот гол, прв за Македонија на едно големо натпреварување.
-31.03.2021
Германија – Македонија, меч во квалификациите за СП. Во таа епска победа од 2:1 во Дуисбург за нас, не можеше без гол на Пандев.
-24.01.2010
Интер – Милан, супер дерби во Серија А и фантастичен настап на Македонецот. Голот од слободен удар влезе во аналите на Интер. Невидена радост на големиот Мурињо.
“Мачедоне…Пандев“ беше реакцијата на коментаторите.
-12.08.2009
Македонија – Шпанија, пријателска во Скопје која заврши со 2:3 за гостите. Но Пандев во првиот дел им стегна два гола за 2:0, Арената експлодира. Какви 45 минути, каква радост, какво издание на Пандев? Фантастично.