СПОРТМЕДИА во Тбилиси,
Огнен Дојчиновски
На три од досегашните четири мечеви на Македонија во Лигата на Нациите нашиот напаѓачки двоец беше Милан Ристовски и Александар Трајковски. Тој двоец беше променец токму по дуелот Македонија – Грузија во Скопје и оној наш дебакл од 0:3. На следниот меч против Гибралтар и обајцата не беа стартери туку тоа беа Чурлинов, Миовски и Алиоски во нападот.
Чурлинов сега го нема, но она што мора да се издвои како факт е големиот трансфер во меѓувреме на Бојан Миовски во Абердин, и неговата засега фантастична форма. Постигнатите пет гола во Премиер лигата на Шкотска, го наметнуваат самите по себе како сериозна опција за стартер на утрешниот меч. Миовски постигна и гол на тој дуел против Гибралтар, се најде во уште неколку сериозни шанси па станува јасно дека таа улога му годи.
Дали селекторот Милевски ќе се реши да го остави Миовски како наш најистурен напаѓач, или пак ќе го врати Милан Ристовски како стартер ќе видиме денеска по официјалниот тренинг кој нашиот национален тим ќе го одработи во Тбилиси.