Кога Лионел Меси потпиша за Пари Сен Жермен на 10 август 2021 година, тоа беше огромно изненадување за многумина. Ретко кој помисли дека Аргентинецот може да ја напушти Барселона. Сепак, подеднакво изненадувачки е и финансискиот успех на ПСЖ со доведувањето на 7-кратниот освојувач на „Златната топка“. И покрај тоа што Меси може да се пофали со еден од највисоките договори во европскиот фудбал, овој трансфер и тоа како им се исплатеше на Катарците кои го доведоа во Париз.
Според весникот „El Economista“, приходите на Пари Сен Жермен по доаѓањето на Меси се зголемиле за околу 700 милиони евра за една година. Според аналитичарите на весникот, станува збор за вистински „ефект Меси“. Неговото доаѓање предизвика голем број настани кои се претворија во финансиски успех за парижани. Главно се работи за појава на десет нови спонзори, повторно потпишување на постоечките спонзорски договори и зголемена продажба на дресови.
Во овој период, ПСЖ продаде над милион примероци од дресот на клубот, од кои 60 отсто се со бројот 30 и името на Меси. Секој дрес вреди меѓу 90 и 160 евра, во зависност од избраниот модел и додатоци. Се проценува дека побарувачката за дресови и навивачки реквизити по доаѓањето на Меси во клупските продавници е зголемена за 30-40 отсто.